Алармните системи се дизајнирани да детектираат неавторизиран пристап во одреден објект или простор. Тие содржат: палета сензори, контролна единица (алармна централа, тастатура) и систем за дојава. Сензорите детектираат натрапници преку најразлични методи и технологии: од надзор на состојба на отворање на врати и прозорци преку користење на магнетни контакти, пасивна инфрацрвена технологија, ултразвук, вибрации, електрични или магнетни полиња, микробранови и др. Дојавата за присуство на натрапник доколку овластените лица (сопственици, вработени и сл.) се веќе во објектот се врши преку притискање на паник тастер. Сите типови сензори како и паник тастери можат да бидат поврзани и да комуницираат со алармната централа со директна жичена врска или безжичено. При инсталација на алармните системи во резиденцијални објекти може да се предвиди и интеграција со детектори на пожар, со што би се добила комплетна заштита од пожар и кражба.
Дизајнирани решенија
Покрај стандардните решенија за детектори и тастатури, се нудат и дизајнирани решенија на истите како колор ЛЦД(LCD) тастатури осетливи на допир, ПИР (PIR) детектори со поелегантен дизајн и сл.
Комуникација
Комуникацијата помеѓу алармните системи и дежурните оперативни центри може да се врши преку повеќе медиуми, меѓу кои стандардна PSTN телефонска линија, GSM/GPRS врска, TCP/IP комуникација и комуникација преку радио-фрекфенција, решение кое ексклузивно се нуди од НИКОБ обезбедување коешто е најбрз, најдоверлив, најсигурен и најмалку подложен на саботажа од сите претходно наброени методи и истиот не претставува редовен месечен трошок за корисникот за разлика од претходните.

Централниот контролен панел или т.н. алармна централа се сместува во метална заштитна кутија каде доаѓаат сите кабли за комуникација и сигнализација од периферните единици.
Алармната централа е „мозокот” на алармниот систем и таа врши анализа на сигналите од периферните елементи, односно детекторите, примање и спроведување на командите од корисникот внесен во тастатурите и на крај дојава во случај на неовластен пристап, локално на сирената која е инсталирана и до Дежурниот Оперативен Центар – ДОЦ.
На нашите клиенти им ги нудиме контролните панели од реномираниот канадски производител „Парадокс“ и тоа од следните серии: Spectra, безжичената Magellan и DigiplexEVO.
Тастатурите се влезно/излезни периферни единици кои ги пренесуваат внесените команди за активирање, деактивирање и други команди од корисникот кон алармната централа и истовремено го известуваат корисникот за самиот статус на алармниот систем преку одредени светлосни индикации, звуци или текст во зависност од типот и моделот на тастатурата.
Детекторите за движење се влезни периферни единици и ја имаат функцијата да откријат и да дојават движење во заштитениот простор до алармната централа.
Најчест тип детектори за движење според технологијата на детекција се Пасивните инфрацрвени детектори или ПИР (PIR) детектори. Детекцијата може да биде со помош на микробранови, ултразвучни бранови или комбинација од претходно наведените.
Аголот на покривање на ПИР детекторите е околу 110°, додека радиусот се движи во рамки околу 12m, односно еден детектор би бил сосема доволен за покривање на просторија со димензии 8m x 8m.
Според потребите на своите клиенти, НИКОБ во алармните системи вградува: дигитални, аналогни, безжичени и специјални сензори. Сите сензори се од канадскиот производител „Парадокс“.
Сирените се излезни периферни единици и ја имаат функцијата звучно да алармираат во случај да е генериран аларм од страна на алармната централа. Сирените можат да бидат со внатрешна или надворешна монтажа.
Безжичените сирени имаат сопствено напојување од акумулаторска батерија и командите за алармирање ги добиваат од контролната единица преку безжичена комуникација.
Далечинскиот управувач е влезна периферна единица и ја има функцијата да го активира или деактивира системот, како и да врши дојава за паника.
Магнетните контакти се влезни периферни единици кои имаат функција да дојават во случај на отворање на одредена врата или прозорец.
Комуникацијата помеѓу магнетните контакти и централата може да биде жичена или безжичена.
Паник тастерот е влезна периферна единица чија функција е, во случај на напад, да се притисне и тивко да дојави дека во објектот има напаѓач и дека луѓето кои живеат или работат во објектот се под некаков вид закана.